Економија Намалени трошоците за живот

Намалени трошоците за живот

За 0,8 отсто се намалиле трошоците за живот во јануари годинава во споредба со претходниот месец, а цените на мало се намалиле за 1 процент.

Според податоците на Државниот завод за статистика, намалувањето на трошоците за животот е резултат на пониските цени на свежото овошје за 2,6 отсто, свежиот зеленчук за 1,9, јајцата за 1,4 отсто, трајните колбасичарски производи, конзервираните месни производи и безалкохолните пијалаци за 0,7 проценти, маснотиите и замрзнатиот зеленчук за 0,6, преработките од млеко за 0,4 и на свежото млеко за 0,2 отсто.

Намалување на трошоците за животот е забележано и кај течните горива за домаќинствата за 13,3 отсто, течните горива и мазива за 10,1 проценти, гасот за домаќинствата за 5,8, лековите за 4,3, велосипедите за 3,1, обувките за 2,3, средствата за лична хигиена за 2,1 отсто, услугите за сместување за 1,5 и текстилот за домаќинствата за 0,2 отсто.

Пораст на трошоците за животот има кај конзервираната риба за 1,3 отсто, тестенините за 1 процент, рибата за 0,9, другите неспомнати прехранбени производи за 0,6, сувомесните производи за 0,5, другите пецива за 0,4 и кај месото за 0,3 отсто. Пораст е забележан и кај авионскиот превоз на патници за 3,7 отсто, тутунот и материјалите за одржување на станот за 2,1, цврстите горива, апаратите за домаќинствата и садовите и прибор за домаќинствата за 0,8, производите и услугите за одржување на станот и информатичката опрема за 0,4 отсто, туристичките пакет-аранжмани и исхраната во рестораните и хотелите за 0,3 отсто.

Трошоците за животот, пак, во јануари годинава во споредба со истиот месец лани се намалиле за 1,5 отсто, а цените на мало за 4,6 проценти.