Подглавна секција Најмалку четириесет убиени во израелски напад во Газа

Најмалку четириесет убиени во израелски напад во Газа

Палестинското министерство за одбрана изјави дека нападот бил врз безбедна зона во градот Хан Јунуис, додека израелската војска тврди дека нападот бил врз операциски центри на Хамас

Фото: Kevin Schmid on Unsplash

Најмалку четириесет лица биле убиени вчера во воздушен напад од израелските сили во близина на градот Хан Јунис, пренесува Би-би-си.

Палестинското министерство за одбрана изјави дека нападот бил врз безбедна зона, каде престојувале раселени лица. Израелската војска, пак, тврди дека нападот бил врз операциски центри на Хамас и дека презела чекори за да се намали бројот на цивилни жртви при нападот.

Според очевидци, во три напади биле таргетирани шатори во кои биле сместени раселени луѓе во хуманитарната зона Ал-Маваси, западно од градот Хан Јунис. Воздушните напади формирале кратери длабоки седум метри. Палестинското министерство за одбрана додаде за Би-би-си дека околу шеесет лица се здобиле со повреди, а дека има уште многу други лица затрупани под урнатините.

Калед Махмуд, волонтер во добротворна организација кој живеел во близина на хуманитарната зона, вели оти тој и други волонтери отишле да помогнат, но биле запрепастени од размерот на нападот.

Би-би-си известува дека во неверификувани видеа може да се видат како цивили со раце копаат низ песокот, во обид да ги извлечат жртвите од длабоките дупки предизвикани од нападите.

Израелските одбранбени сили (ИДФ) тврди дека Хамас ги сместува своите операциски центри во безбедни зони, прекршувајќи ги меѓународните закони. Хамас негира дека имало војници во кампот кај Хан Јунис.