Дописници Најавена нова опрема за штипската болница

Најавена нова опрема за штипската болница

Пратениците од редовите на ВМРО-ДПМНЕ од Штип, Трајче Димков и Никола Мицевски, денеска најавија дека во најскоро време ќе почне изградбата на новата клиничка болница во Штип. Според нив, се подготвува документацијата за задолжување кај Светска банка, откако Собранието на Република Македонија го донесе законот за задолжување. Се очекува потоа да почнат и тендерските постапки.

Во меѓувреме, во Клиничката болница во тек се и неколку покрупни зафати, како што е изградбата на акцелераторот.

– Објектот за акцелераторот се гради, а се работи и на донесувањето на акцелераторот во придружба на компјутерскиот томограф, кој ќе биде употребуван за брза процена на пациенти заболени од карционом – рече директорот на Клиничката болница, Александар Стојановски.

Ќе се набавува и нова опрема за другите одделенија.

Болниот проблем со недостигот од специјалисти и од супспецијалисти, ќе се решава со едукација.

– Се врши и едукација на кадарот што ќе работи со новата опрема, така што ќе може да се прошири и спектарот на услугите што ги нудиме на населението на источниот регион – додаде Стојановски.

Во моментот, 21 лекар од штипската клиничка болница се наоѓаат на специјализација и на обуки.