Македонија Најава за протести во ОУ „11 Октомври“, Костадинова обвинува за партиска заднина

Најава за протести во ОУ „11 Октомври“, Костадинова обвинува за партиска заднина

За денеска попладне во основното училиште „11 Октомври“ се закажани протести против лошото менаџирање во оваа институција. Еден од директорите, Даниела Костадинова, која тврди дека има решение од Централниот регистар за да ја извршува оваа функција, вели дека протестите се организирани од општинската организација на СДСМ, а за тоа, наводно, има и СМС-порака.

Во пораката, според Костадинова, стои дека во училиштето ќе се организираат протести за обезбедување нормални услови за престој на децата, а како потпис стои општинската организација на СДСМ во Центар.

Денеска и советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Општина Центар, го повика градоначалникот на општината, Андреј Жерновски, и, како што рекоа, насилната групација околу него, да кажат кои деца биле киднапирани или кои родители пријавиле дека имало обид за киднапирање на нивните деца.

Вчера, пак, училишниот одбор на „11 Октомври“ заклучи дека разрешената директорка,  Даниела Костадинова, е одговорна за случувањата во училиштето, за нарушување на здравствената состојба на 104 деца, како и за киднапирање деца од училиштето, за што постои и записник во полициската станица Беко. Оттаму рекоа дека в.д. директорот Васко Лазаревски, поставен од Општина Центар, службено го побарал записникот за киднапирањето од полицијата и очекува наскоро официјално да го добие.