Педесет милиони евра за финансирање енергетски проекти ќе добијат земјите од Западен Балкан од Европската Унија преку Програмата за регионална енергетска ефикасност и Фондот за зелен раст.
Договорите за финансиите ги потпишаа претставници од Европската банка за обнова и развој (ЕБРД), Европската инвестициона банка (ЕИБ) и банкарскиот концерн KfW, во рамките на Програмата за регионална енергетска ефикасност (РЕЕП) и Фондот за зелен раст (GGF – Green for Growth Fund ), во рамките на денешниот министерски состанок на земјите од Западен Балкан.
Според еврокомесарот Јоханес Хан, предвидените финансии треба значително да му помогнат на јавниот и на приватниот енергетски сектор во шесте држави и да придонесат за заштеда на енергија и за намалување на емисиите на штетни гасови.
Хан истакна дека со овие дополнителни средства земјите од Западен Балкан ќе можат да постигнат 1,6 терават-часови електрична енергија годишно.