Македонија На Шангајската листа и годинава нема универзитети од Македонија

На Шангајската листа и годинава нема универзитети од Македонија

На Шангајската листа на Академско рангирање на светски универзитети за 2018 година објавена денеска, се наоѓаат илјада универзитети. На прво место 16-та година по ред е Универзитетот Харвард, на второ Стенфорд од САД, а на трето британскиот Универзитет Кембриџ.

Македонските универзитети и годинава не се рангирани на Шангајската листа на најдобри универзитети.

Следните десет најдобри универзитети се МИТ, Беркли, Принстон, Оксфорд, Колумбија, Калтеч и Чикаго.

Универзитетот Цирих, кој е на 19. место, останува да биде најдобро рангиран во Европа, а Копенхашкиот универзитет е второ место, односно на 29. на Шангајската листа.

На трето место во Европа е Универзитетот Сорбона, кој е 36. на листата најдобро рангирани високообразовни институции.

Од земјите во регионот, најдобро рангирани се универзитетите во Белград и во Атина, кои се меѓу 300 и 400 место, а Љубљанскиот, Солунскиот „Аристотел“ и Атинскиот технички универзитет се позиционирани меѓу 400 и 500 место.

Универзитетот во Марибор и Загрепскиот универзитет се меѓу 500 и 600 место. На Шангајската листа е рангиран и Софискиот универзитет меѓу 900. и 1.000 позиција.