Македонија На „Фејсбук“ се враќаат во парламентот, на јаве се пишманат!

На „Фејсбук“ се враќаат во парламентот, на јаве се пишманат!

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, вчера потврди дека не се размислува за враќање во Парламентот

Лидерите на трите големи опозициски партии, СДСМ, ЛДП и НСДП, Зоран Заев, Андреј Жерновски и Тито Петковски, во седиштето на СДСМ на Бихаќка, вчера одлучија да продолжат со бојкотот на парламентот.

Сепак, деновие сè погласни се информациите дека неколкумина пратеници од опозицијата имаат намера да се вратат во Собранието и покрај цврстиот став за бојкот, кој вчера го потврдија и лидерите на опозициските партии.

Шпекулациите за повратници ја засили и лидерот на ЛДП, Андреј Жерновски, кој пред само два дена призна дека има разногласие меѓу пратениците.

Кон апелите пратениците од опозицијата да се вратат во Собранието се приклучи и Роза Топузова-Каревска, која не се двоумеше и веднаш по изборите го прифати пратеничкото место. Во своето гостување во политичкиот магазин „Кворум“ на радиото „Слободна Македонија“, рече дека, за жал, нема контакти со колегите од опозицијата кои добија пратенички мандати, а се надвор од парламентот, вклучително ниту со оние што доаѓаат од нејзината партија, ЛДП. Нема информации дали дел од нив би им се придружиле на трите пратенички во опозициските редови, но посакува сите заедно да работат во институциите.

– Политичката битка треба да се води во парламентот – изјави Каревска.

Аналитичарот Ивица Боцевски за телевизијата „Алфа“ рече дека дека Зоран Заев може да бега колку сака, но на крајот СДСМ ќе мора да голтне една голема кнедла и да се врати во Собранието.
– Учеството во Собранието им дава шанса да ги презентираат своите политички ставови и да дојдат во политички судир со Владата од каде можат да извлечат големи политички поени. Со овој потег и со инсистирањето на будалаштините за техничка влада, Заев едноставно избира да бега од политичката битка со ВМРО-ДПМНЕ, зошто е свесен дека која било политичка битка со нив ќе ја изгуби, уште покатастрофално од парламентарните избори – посочува Боцевски.
Во пресрет на средбата со дел од извршниот одбор на СДСМ , но и по изјавата на лидерот на ЛДП, Андреј Жерновски, дека има пратеници кои размислуваат за повлекување на оставките, пратеникот и потпретседател на ЛДП, Горан Милевски, на својот профил на „Фејсбук“ порача дека тој и Дуфе Куковски, како други пратеници од ЛДП, по враќањето на Роза Топузовска-Каревска во Собранието, немаат намера повеќе да бојкотираат.

Сепак, лидерот на СДСМ, Зоран Заев, вчера потврди дека не се размислува за враќање во парламентот.

– Враќање во парламентот нема. Секако, петте теми се јасни, и за јавноста и за власта, теми за коишто, власта, доколку смета, може да почне преговори. Тоа се темите за медиумите, за разграничување на партијата од државата, темата за пописот, темата за избирачкиот список и изборното законодавство и за техничката влада. Втората работа за којашто разговаравме е делот на стратегијата. Токму стратегијата на опозицијата е јасна, имплементацијата на четирите столбови е во тек. Новина е тоа што од утре почнуваме трибини низ Македонија, дефинирани се 16 градови. Утре е Битола, каде што претставниците на опозицијата и јас ќе бидеме присутни, ќе отвориме дебата со граѓаните дополнително за актуелните политички случувања – изјави лидерот на СДСМ.