Македонија На автопатот Скопје – Велес се гради трета коловозна лента меѓу Катланово...

На автопатот Скопје – Велес се гради трета коловозна лента меѓу Катланово и Петровец

Извор на фотографија: Министерство за транспорт и врски

Со силен интензитет се изведува третата коловозна лента на автопатската делница Петровец – Катланово. Покрај нејзината изградба, екипи на градежната фирма „Бетон“ од Скопје вршат и комплетна рехабилитација на оваа делница од патниот Коридор 10. Ова го истакна министерот Благој Бочварски, кој заедно со директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Ејуп Рустеми денеска извршија увид во градежните работи.

Станува збор за инвестиција од 7,2 милиони евра, со која ќе се обезбеди дополнителна коловозна лента за возачите.

„Претходно се реконструираше дел од десниот коловоз, поставен е прв слој на асфалт. Во моментот се работи на левиот коловоз, а како што може да се види се работи и на изградба на уште една нова коловозна лента”, изјави Благој Бочварски, министер за транспорт и врски.

Директорот на ЈП за државни патишта, Ејуп Рустеми информираше дека на левиот коловоз се руши постоечкиот мост над Ржанички канал, од причина што мостот е со две коловозни ленти и ќе се изгради нов со три коловозни ленти. Во моментов се одвиваат работи и на рехабилитација со проширување на левиот коловоз.

Исто така, пред клучката Катланово, во должина од околу 460 метри ќе се изврши проширување на коловозот со уште една лента. На целиот потег досегашната заштитна ограда ќе се замени со нова еластична oграда.