Подглавна секција На 96 години почина дисидентот-основач на најстарата руска организација за заштита на...

На 96 години почина дисидентот-основач на најстарата руска организација за заштита на човековите прaва

Photo: Megan Dirks / Wikicommons

На 96-годишна возраст вчера починал Јуриј Орлов, советски физичар, дисидент, и основа на најстарата руска организација за човекови права, Московската хелсиншка група, јави „Москоу Тајмс“.

Орлов е еден од основачите на советската подружница на Амнести Интернешенел, а потоа во 1976 година ја основа Московската хелсиншка група. Организацијата го добива своето име од нејзината мисија – следење на почитувањето од страна на Советскиот Сојуз на Хелсиншките договори од 1975 година, со кои се даваат гаранции за основните слободи на луѓето и чија цел била да се подобрат врските меѓу комунистичкиот блок и Западот.

Орлов првпат се соочил со политички репресии во СССР во 1956 година, кога откако одржал про-демократски говор, престижен институт за физика го отпуштил и му забранил да врши научна дејност во Москва. Следните 16 години Орлов ги минал во сегашна Ерменија, тогаш Ерменска Советска Социјалистичка Република, каде создал електрон-синхотронски акцелератор (забрзувач на честички) и станал шеф на лабораторија и професор.Во 1977 година бил уапсен од КГБ во Москва и бил испратен во гулаг – затворенички работен логор поради „анти-Советска агитација и пропаганда“. Додека бил во егзил во Сибир, ја добил првата од неколкуте номинации за Нобеловата награда.

Бил ослободен во 1986 година, му било одземено советското државјанство и бил депортиран во САД, во рамките на размена на затвореници во која биле вклучени и американскиот новинар Николас Данилоф и советскиот шпион Генадиј Захаров.

Орлов во декември 1987 година почнува да работи на универзитетот Корнел, како професор по физика и висок научник, на кои позиции бил сè до својата смрт.