Македонија На 4 октомври ќе застари делото за набавката на „мерцедесот“ на Груевски

На 4 октомври ќе застари делото за набавката на „мерцедесот“ на Груевски

Доколку поранешниот премиер се врати во државата, тој не би служел затворска казна за случајот „Тенк“

Фото: Архива на ВМРО-ДПМНЕ

Никола Груевски целосно се спаси од служење на двегодишната затворска казна за случајот „Тенк“, односно за набавката на „мерцедесот“, открива Призма.

На 4 октомври 2018 година беше правосилно осуден, а до овој 4 октомври поминуваат шест години, со што застарува извршувањето на казната, според Кривичниот законик.

„Со други зборови, кога утре тој би се појавил во Македонија, нема да лежи затвор за ова кривично дело за кое беше осуден“, вели Призма.

За истиот предмет Гордана Јанкулоска беше осудена на 4 години затвор, а Ѓоко Поповски на 4,6 години затвор. Тие ги одлежаа своите казни.

Поранешниот премиер Зоран Заев најавуваше дека „мерцедесот“ ќе се продаде и со парите ќе се купат амбулантни возила. Но, автомобилот и натаму се вози. Информацијата дека возилото и натаму се користи за Призма ја потврдил Ивица Томовски, директорот на Службата за општи и заеднички работи (СОЗР).

За истиот предмет Гордана Јанкулоска беше правосилно осудена на 4 години затвор, а Ѓоко Поповски на 4,6 години затвор. Тие ги одлежаа казните.

„Во текот на годините и по измените на Кривичниот законик му застареа предметите ТНТ, за уривањето на комплексот ‘Космос’ и ‘Траекторија’, за провизиите за изградба на автопатиштата. Измените го спасија Груевски и од обвинението за случајот ‘Скопје 2014’, ‘Феникс’“, пренесува Призма.

Случајот „Насилство пред Општина Центар“ застарува во 2027 година, а „Плацови на Водно“ застарува во 2043 година. Но, бидејќи Груевски бил суден во отсуство, кога би се вратил во Македонија, тој би можел да бара повторување на постапката.

Во ноември ќе поминат шест години откако Груевски побегна во Унгарија.