Македонија МЗ: Почина 26 годишна родилка со тешка здравствена состојба и...

МЗ: Почина 26 годишна родилка со тешка здравствена состојба и неконторолирана бременост

Фото: Фејсбук профил на ЈЗУ СБГА „Мајка Тереза“ – Чаир

Министерството за здравство со жалење информира дека синоќа на ЈЗУ СБГА „Мајка Тереза“ – Чаир почина родилка на 26 години, на која со царски рез и беше извадено машко бебе. Пациентката, прворотка која била во 36 седмица од бременоста, во болница била донесена во многу тешка здравствена состојба, со висок крвен притисок и отежнато дишење.

Во ваква лоша состојба таа била во претходните 4 дена во кои ниту еднаш, до вчеравечер не побарала лекарска помош. На увид од извештаите во електронската база „Мој термин“ констатирано е дека станува збор за недоволно контролирана бременост, со само една претходна контрола во 30 недела од бременоста кога за првпат е утврдено присуство на висок притисок.

Тогаш на пациентката и била ординирана терапија и дадени напатствија за интензивен мониторинг и болнички контроли. Според кажувањето на семејството, пациентката не одела на контроли, а терапија пиела повремено. Синоќа, кај пациентката дошло до бурно влошување на и така лошата здравствена состојба, со знаци за сериозно компромитирање на белодробната функција со развој на белодробен едем, пад на сатурацијата под 80%, белодробен наод и агитираност.

Истовремено мониторингот на плодот покажал сериозно загрозување на благосостојбата на плодот. Поставена е индикација за crash интубација и итен царски рез. Во операциона сала паралелно по интубацијата констатиран кардиоциркулаторен колапс и паралелно со постапки за кардио-пулмонална ресусцитација отпочнат е царски рез.

Породен е жив машки плод кој по иницијалната стабилизација е префрлен на Клиника за детски болести. Кај пациентката, за жал и покрај сеопфатни мерки за ресусцитација уследила општа срцевобелодробна декомпензација и кај пациентката во 22:10 часот настапи смрт.