Македонија МВР: Проверуваме дали полицајци соработувале со осомничените во „Чекан“

МВР: Проверуваме дали полицајци соработувале со осомничените во „Чекан“

Од Министерството за внатрешни работи денеска соопштија дека ги проверуваат индициите за можна поврзаност на вработени во гостиварската полиција и во други државни институции со осомничените што беа уапсени во акцијата „Чекан“.

– МВР почна со проверки и на работењето на надлежните државни институции, вклучувајќи ја и локалната полиција. Постојат индиции дека е можно службени лица од МВР, но и од други институции, на некој начин да соработувале со членови на оваа група, односно да им прогледувале низ прсти и да не постапувале во согласност со овластувањата што ги имаат – изјави портпаролот на МВР, Иво Котевски.

МВР, во полициската акција „Чекан“, оваа недела уапси 15, од вкупно 19 лица, осомничени дека се членови и помагачи на криминална група, која од 2008 година дејствувала во Гостивар.

Осомничените членови на групата се товарат за злосторничко здружување, лихварство и за перење пари.