Македонија МВР: Пријава за директорот на Клиниката за неврохирургија, зел поткуп од 1.000...

МВР: Пријава за директорот на Клиниката за неврохирургија, зел поткуп од 1.000 евра

Секторот за внатрешни работи Скопје поднел кривична пријава за примање поткуп против А.Ч. (57) од Скопје, лекар и директор на Клиниката за неврохирургија при Универзитетскиот клинички центар „Мајка Тереза“.

Според скопската полиција, А.Ч. на 26 мај од татко на 13-годишна пациентка директно побарал 1.000 евра за издавање потврда дека Клиниката за неврохирургија не извршува хируршка интервенција на каква што девојчето требало да биде подложено. На 30 мај директорот на клиниката ги зел парите, со образложение дека тие се парична награда за издадената потврда.

Таткото ја барал потврдата оти обезбедил пари за операција и за лекување на неговата ќерка во Германија, која не можело да се изврши без бараната потврда. Девојчето претходно било оперирано од осомничениот лекар.

Директорот на Клиниката за неврохирургија е уапсен, а при претресот во неговата канцеларија пронајдени се и одземени вкупно 24.890 евра, 4.477 американски долари, 2.250 швајцарски франци, 65 австралиски долари, 170 хрватски куни, 60 бугарски лева и 4.700 денари, односно повеќе од 31.000 евра. Бил направен и претрес во домот на А.Ч., каде биле пронајдени вкупно 9.750 евра, 10.000 денари и медицинска документација, за кои пријавениот немал доказ за потеклото.