Македонија МВР поднесе кривична пријава против тројца полицајци, претепале крадец

МВР поднесе кривична пријава против тројца полицајци, претепале крадец

Тие сториле кривично дело со неовластена и прекумерна употреба на сила против крадец во Скопје, кој се здобил со тешки телесни повреди

Фото: МВР

Против тројца полицајци е поднесена кривична пријава поради сомнение дека сториле кривично дело со неовластена и прекумерна употреба на сила против крадец во Скопје, кој се здобил со тешки телесни повреди, информираат од Министерството за внатрешни работи (МВР).

„Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР до надлежното Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција- Одделение за гонење на лица со полициски овластувања и затворска полиција, поднесе кривична пријава против П.Р., Б.П. и К.Г., полициски службеници при СВР Скопје, поради постоење основи на сомнение дека сториле кривично дело „тешка телесна повреда“ по чл.131 став 3 во врска со кривично дело „малтретирање во вршење на службата“ по член 143 од КЗ“, информираат од МВР.

Тројцата полицајци при преземање на службени дејства над оштетениот А.З. од Скопје, затекнат при обид за кражба, неовластено и прекумерно употребиле физичка сила и му нанеле тешки телесни повреди.

„Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР ќе покрене постапка за утврдување на дисциплинска одговорност, а полициските службеници ќе бидат суспендирани од своите работни места до завршување на постапката“, информираат од МВР.