Главна секција МВР: Лажни се денешните дојави за бомби во вкупно девет училишта

МВР: Лажни се денешните дојави за бомби во вкупно девет училишта

Фото: Мета.мк

Направени се сите потребни проверки во врска со денешните пријави дека девет училишта на територија на Скопје добиле порака на електронската адреса со закана за поставена експлозивна направа и утврдено е дека станува збор за лажни пријави, информира попладнево Министерството за внатрешни работи. Утрово, во СВР Скопје било пријавено дека на електронските адреси на две средни училишта во Скопје е упатена закана за поставена експлозивна направа, а подоцна околу 10 часот е пријавено дека иста пријава стасала и до уште две други училишта.

„Веднаш по добиените пријави, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на училиштата, а потоа се извршени и детални проверки од тимови за антитерористички проверки и утврдено е дека станува збор за лажни пријави“, велат во МВР.

Инаку, од првата лажна дојава за поставена бомба пред точно две седмици, ова е шести ден скопски училишта да добиваат дојави за поставени бомби. Засега МВР не соопштува детали за истрагата. Пред една недела беше приведено едно лице, но немаше обвинение за него.