Главна секција МВР: Четири лица со име Ахмад Алмохамед поминале низ Македонија!

МВР: Четири лица со име Ахмад Алмохамед поминале низ Македонија!

Македонската полиција регистрирала четворица мигранти со сириско потекло кои транзитирале низ земјава под името Ахмад Алмохамед, за кое се претпоставува дека е идентитетот на еден од извршителите на терористичките напади во Париз, во петокот минатата недела, информираат за „Мета“ од Министерството за внатрешни работи (МВР).

Оттаму велат дека во сите четири случаи, лицата имале различни генералии и дека поседувале грчки документи, но не и пасоши.

„Досега се регистрирани четири лица под истото име и презиме, сите со потекло од Сирија, сите со различни година на раѓање и со различни датуми и часови на влез во Република Македонија. Исто така, од извршените проверки, констатирано е дека сите четири лица што се јавуваат под ова име и презиме поседувале грчки документ, а не патна исправа“, стои во одговорот на МВР на нашите прашања.

Во врска со информацијата што ја пренесе грчкиот весник „Прототема“, според која, заедно со Ахмад Алмохамед, патувало уште едно лице, со име Мохамед Алмухамед, од МВР велат дека нема податоци за лице кое под тој идентитет влегло во Македонија.

„Во согласност со извршените проверки во нашите евиденции, констатирано е дека лицето Мохамед Алмухамед досега не е регистрирано и не постојат податоци дека остварило влез во Република Македонија“, стои во дописот од МВР.