Македонија МВР апелира за мирни избори

МВР апелира за мирни избори

Министерствотo за внатрешни работи (МВР) апелира до политичките партии и до нивните симпатизери да ги почитуваат изборните правила, да се воздржуваат од какви било нарушувања на јавниот ред и мир, бидејќи, како што се вели, секакво однесување спротивно на законите нема да толерира.

„МВР ќе преземе сè што е потребно за в недела, на 15 октомври, граѓаните непречено и мирно да го искористат своето уставно право на слободно изјаснување на својата политичка волја. МВР во најкус можен рок ги расчисти сите изолирани инциденти кои се случија во предизборната кампања, а на ист енергичен начин ќе постапува и во преостанатиот период, како и на самиот ден на изборите“, се вели во соопштението.

Министерството напоменува дека е забрането какво било учество на полициските службеници во политичка пропаганда за која било од политичките партии.

„Внатрешната контрола на МВР веднаш ќе реагира во каков било случај каде има индиции за злоупотреба од страна на полициски службеник“, порачува министерството.