Македонија Јенс Столтенберг и Тимчо Муцунски ја потврдиле поддршката за Украина и силната...

Јенс Столтенберг и Тимчо Муцунски ја потврдиле поддршката за Украина и силната осуда за руската воена агресија

Тие, исто така размениле мислења за состојбите во Блискиот Исток и други актуелни прашања од надворешно – политичка и безбедносна природа

Фото: МНР

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, во рамки на првата работна посета на Брисел оствари средба со Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг во седиштето на Алијансата, соопшти МНР.

Како што посочуваат оттаму, средбата се реализира во рамки на подготовките на Алијансата за одбележување 75-годишнина од формирањето на НАТО. Јубилејот ќе се одбележи за време на претстојниот Самит на НАТО во јули во Вашингтон.

Во фокусот на разговорот меѓу Столтенберг и Муцунски биле актуелните состојби во земјите од Западен Балкан како регион од стратешко значење за НАТО и потребата од забрзување на евро-атлантските интегративни процеси.

„Особено значајно е продолжувањето на блиската координација и заедничките активности на НАТО и ЕУ, пред сѐ преку забрзување на европските и евроатлантските интегративни процеси на земјите од регионот, што е особено важно за консолидирање на регионалната стабилност, безбедност и просперитет“, нагласил Муцунски.

Како што соопшти МНР, од НАТО алијансата го поздравиле фактот што земјава го постигна прагот од 2 отсто од БДП инвестиции во одбраната.

Муцунски го запознал Столтенберг со приоритетите од Програмата за работа на новата Влада, според кои, фокусот ќе бил на реформските процеси, и натамошен придонес во заедничкиот мир и безбедност на Евро-атлантската област.

Двајцата соговорници, Јенс Столтенберг и Тимчо Муцунски ја потврдиле поддршката за Украина, како и силната осуда за руска воена агресија. Тие, исто така размениле мислења за состојбите во Блискиот Исток и други актуелни прашања од надворешно – политичка и безбедносна природа.

Министерот Муцунски изразил највисока благодарност за долгата и посветена работа на Генералниот секретар Столтенберг во Алијансата.