Македонија МТСП ќе поднесе кривична пријава против 11 лица за случајот со малолетничката...

МТСП ќе поднесе кривична пријава против 11 лица за случајот со малолетничката од „25 мај“

Врз основа на записникот и извештајот од извршениот вонреден инспекциски надзор од страна на Социјалната инспекција, од Министерството за труд и социјална политика информираат дека до Основното јавно обвинителство ќе биде поднесена кривична пријава против одговорните лица во Центарот за социјална работа – Скопје за ,,несовесно работење во служба“, како и против стручни лица вработени во Центарот, за кривично дело „запуштање на малолетно лице“ и за „несовесно работење во служба“.

„Оваа пријава ќе биде покрената против сите 11 лица кои биле задолжени да постапуваат и преземаат службени дејствија по предметот на малолетната Р.И. во периодот од 2012 – 2017 година. Исто така, од страна на инспекторите се поднесени 12 иницијативи за покренување дисциплинска постапка против стручни лица, согласно со Законот за работни односи. Поведени се и 13 постапки за сторени прекршоци од страна на стручните лица во постапувањето во овој случај, согласно со Законот за социјална заштита“, велат од МТСП.

Европскиот центар за правата на Ромите (ЕЦПР) го обелодени случајот со 13-годишното девојче, кое минатата недела било подложено на абортус, а забременило по сексуално злоставување како штитеничка на Домот за деца „25 Мај“.

Директорот на Заводот за згрижување на деца со воспитно – социјални проблеми и нарушено поведение „25 мај“, Стевчо Соколовски, на 19 февруари поднесе оставка од морални причини.