Македонија Мразот „ги собра“ охридските цреши и јаболка

Мразот „ги собра“ охридските цреши и јаболка

Последиците од априлскиот мраз ќе им донесат огромни штети на овоштарите во Охридско, бидејќи повеќе од осум проценти е уништен родот на овошките, потврдија од комисијата за проценка на штети од елементарни непогоди на Општина Охрид, која денеска излезе на терен да изврши увид во погодените плантажи.

Претседателот на комисијата, Радован Вељаноски, информираше дека извршиле проценка во селата Горно и Долно Лакочереј, месноста Дебело поле, како и селата Велгошти и Ливоишта. Најголема е штетата кај коскестите плодови, но и кај јаболката и кај црешите. Кај јаболката уништувањето е околу 80 проценти.

Овоштарите од Охрид се пожалија дека осигурителните компании не сакаат да вршат осигурување од мраз и дека основицата на осигурувањето е премногу висока. За 400.000 денари приход, им побарале 50.000 денари за осигурување од мраз во мај, јуни и во јули, кога нема мраз во Охрид, туку има во април, но им кажале дека не осигуруваат од мраз во април.

И минатата година во април мразот предизвика големи штети во Охридскиот Регион. И тогаш беше извршена проценка на штетите, но дел од земјоделците во Охридско се жалат дека сè уште не се обештетени.

Граѓаните можат да пријават штети од мразот или од други непогоди секој работен ден, од понеделник до петок, од 8 до 16 часот, во општинскиот услужен центар, во архивата на Општина Охрид или на телефонскиот број 046 230 175.