Македонија Можни локални излевања кај помалите водотеци, предупредува УХМР

Можни локални излевања кај помалите водотеци, предупредува УХМР

Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) предупредува на можни локални излевања кај помалите водотеци и суводолици на целата територија на држвата, поради нестабилното време и очекуваните поројни врнежи.

„На одредени места, поради стеснување на водотеците од разни причини, можни се локални излевања. Препорачуваме внимателно движење покрај водотеците и суводолиците“, велат од УХМР.

Синоќешните врнежи, додаваат оттаму, не го промениле многу водостојот, но кај одредени помали водотеци и суводолици предизвикале нагло зголемување на нивото на водата. Сепак, од УХМР велат дека нема доволно хидролошки станици за да ги поткрепат со податоци ваквите забелешки.

Според најавите на синоптичарите, денеска попладне се очекува пороен дожд и грмежи. Локално, процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме со обилен пороен дожд, електрични празнења, засилен ветер и град. На одредени места се очекува да наврнат повеќе од 35 литри дожд на еден квадратен метар.