Македонија МОСТ: Најдолгата конститутивна седница ја овозможија пратениците од ВМРО-ДПМНЕ

МОСТ: Најдолгата конститутивна седница ја овозможија пратениците од ВМРО-ДПМНЕ

За прв пат во историјата на парламентарна Република Македонија конститутивната седница на Собранието траела 22 работни дена во период од 5 месеци, наспроти вообичаените 1 до 2 дена. Причината за ова е злоупотребата на сите видови обраќања од пратениците: дискусија, реплика, контра-реплика и процедурално обраќање. Сите пратеници од коалицијата ВМРО-ДПМНЕ (51) се јавиле за збор, од кои 16 го искористиле правото да дискутираат до 27 април. Само еден од говорниците се придржувал кон точката на дневен ред – избор на Комисија за прашањата на изборите и именувањата.

Тоа се вели во новиот извештај за набљудувањето на работата на Собранието на Република Македонија, спроведено во проектот „Вклучени граѓани за одговорно и транспарентно Собрание“ од граѓанската асоцијација МОСТ денес.

Во извештајот се вели дека Деловникот бил прекршен во 1.566 од вкупно 1.812 говори (86%), а најмногу бил прекршуван од страна на пратениците од коалицијата ВМРО-ДПМНЕ, со 1.352 прекршувања (86% од вкупниот број прекршувања), по што следи коалицијата СДСМ со 148 прекршувања (9% од вкупниот број прекршувања).