Македонија „Мост“ ќе го следи вториот круг од изборите со повеќе од 1.000...

„Мост“ ќе го следи вториот круг од изборите со повеќе од 1.000 набљудувачи

Граѓанската асоцијација „Мост“ ќе го следи вториот круг од локалните избори со повеќе од 1.000 набљудувачи. На гласачките места ќе бидат распоредени 910 набљудувачи, кои ќе покријат околу 50 отсто од гласачките места во рамките на секоја од општините во кои утре ќе се гласа.

„Набљудувачите на „Мост“ ќе бидат статични и во текот на целиот ден ќе го следат процесот на гласање на гласачките места. Покрај тоа, ќе има и 45 мобилни тимови, составени од двајца набљудувачи, кои ќе служат за логистичка поддршка на статичните набљудувачи и повремено ќе ги набљудуваат оние места на кои „Мост“ нема да распореди статични набљудувачи. Дополнително, работата на општинските изборни комисии ќе биде набљудувана од 35 набљудувачи, а ќе се набљудува и работата на Државната изборна комисија“, се вели во соопштението.

Покрај утрешното гласање, „Мост“ денеска го набљудува и предвременото гласање на болните и немоќни лица, внатрешно раселените и на лицата во затвор или притвор. Оттаму апелираат за одржување на фер, демократски и мирен изборен процес.