Македонија МОН: СДСМ заборава дека во нивно време не изградија ниту едно училиште

МОН: СДСМ заборава дека во нивно време не изградија ниту едно училиште

Во врска со информацијата дека почетокот на учебната година ги чини семејствата неколку илјади денари по ученик, би сакале да информираме дека Владата и Министерството за образование и наука веќе осма година по ред имплементираат концепт на бесплатно образование, кој опфаќа обезбедување бесплатни учебници за сите основци и средношколци, како и бесплатен превоз за тие што живеат на повеќе од 2,5 километри оддалеченост од училиштето, стои во реакцијата на МОН по соопштенито на СДСМ.

Овие мерки, реагираат од МОН, пред 2006 година не само што не постоеја, туку граѓаните беа изложени на преголеми трошоци, како партиципација при запишување на училиште, автобуски превоз и комплет учебници кои чинеа повеќе од 100 евра.

„СДСМ го заборава тоа. Заборава и дека тоа е период во кој не беше изградено ниту едно училиште, училишна спортска сала, високо-образовна установа. За разлика од минатото, би сакале да информираме дека денес Владата и Министерството за образование и наука имаат конкретна сеопфатна стратегија за континуирано унапредување на образовниот систем на сите нивоа. Потсетуваме на фактот дека во изминатиот период се изградени 74 нови училишни објекти, додека повеќе од 400 се реконструирани и санирани. Изградени се и 55 училишни спортски сали, а осум се во фаза на градба. Учениците од прво до деветто одделение учат од учебници изработени и одобрени од најголемиот светски снабдувач со квалитетни наставни програми и учебници – Меѓународниот центар при универзитетот Кембриџ“, се вели во соопштението.