Македонија МОН бара СДСМ да не ја манипулира јавноста за условите во студентските...

МОН бара СДСМ да не ја манипулира јавноста за условите во студентските домови

Наспроти циничниот однос на СДСМ, актуелната влада и Министерството за образование и наука реализираат конкретни и мерливи активности, особено во насока на унапредување на студентскиот стандард, реагираат од министерството за образование на вчерашните обвинувања на опозициската партија.

Од МОН велат дека за студентите биле изградени нови современи сместувачки капацитети, во состав на студентскиот дом Стив Наумов, а дел од постојните капацитети во рамки на овој дом биле реконструирани.

„Во моментов во тек е втората фаза од процесот на темелна целосна реконструкција на студентскиот дом Гоце Делчев. Заменети се лифтовите во сите студентски домови каде има лифтови, а во тек е постапка за замена на инвентарот. Наскоро ќе започне и постапката за набавка на перални и сушални. Согласно најавите за изградба на 3 нови студентски домови, би сакале да информираме дека за два од нив, постапката е целосно завршена. По потпишување на договорите со изведувачите, ќе започнат активностите на терен. Ова се инвестиции за кои СДСМ никогаш не се ни сети, а камо ли да најде време и средства да ги реализира. Така што, апелираме да не манипулира со јавноста и во иднина општествено одговорно да настапува пред јавноста“, пишува во соопштението на МОН.