Дописници Могилчани со денови отсечени од светот

Могилчани со денови отсечени од светот

Локалната власт во општина Могила стравува од нови и од катастрофални поплави ако стрежевската акумулација ги испушти водите во реката Шемница. Градоначалникот на Општина Могила, Стево Пивковски, вели дека ситуација во неговата општина сè уште е аларманта бидејќи е под закани од нови поплави. Од минатата недела поплавени се селата Ношпал, Вашарејца, Чарлија и Радобор, каде живеат повеќе од 1.000 жители.

– Ние, могилчани, стравуваме од водостојот на акумулацијата Стрежево. Имаме неофицијална информација дека ако за една недела се наполни акумулацијата, тогаш ќе се испушта водата од езерото преку реката Шемница, а ќе имаме дополнителни проблеми ако нивото на водата во реката Шемница не падне за два-три метри – вели Пивковски.

Општината Могила е отсечена од комуникација поради поплавувањето на регионалните патишта. Пивковски вели дека двете училишта во Чарлија и во Радобор не држат настава, додека, пак, училиштето во Добрушево сè уште работи. Но, децата и наставниците одат на училиште преку регионалниот пат за Тополчани. Во селото Могила и во Ивањевци сè уште има настава.

Општината веќе презема мерки и дадени се насоки на локалното население како да се заштитат луѓето и стоката од поплавите.

А.Б.