Дописници Могила под вода, Новаци под закана од нови поплави

Могила под вода, Новаци под закана од нови поплави

Повеќе од 5.000 хектари земјоделско земјиште во општина Могила од ноќеска е под два метра вода. Дождот и наглото топење на снегот го зголемија нивото на Црна Река, која се излеа на истите места како пред месец и половина.

„Атарите на селата Лознани, Новоселани се поплавени, а на селото Вашарејца му се заканува поплавување на куќите од пониските делови“, потврди градоначалникот Стевче Пивковски.

– Патот кон Могила и Радобор е отсечен, таму каде што се спојуваат река Црна и река Шемница, се излеа водата и веќе е непрооден. Сега под закана е селото Чарлија, значи сликата од јануари се повторува – вели Пиковски.

Градоначалникот на Могила, регира дека иако им било ветено дека ќе се санираат насипите на Црна, тоа не се случило. Кризниот штаб почнал со работа кај селото Лознани и само по еден ден, без образложение, санацијата на коритото запрела.

– Пред три недели почнаа работите за да се санираат насипите за да не се повтори сликата од големите поплави и работата запре, без да нè информираат зошто сè се стопира. Сега што треба да праваме, да се молиме на Господ да нема нагло топење на снегот? Јас не знам како сега ќе им помогнеме на луѓето – реагира Пивковски.

Под закана за нови поплави е и пелагониската општина Новаци.

Нивото на Црна постојано се зголемува, а почвата е презаситена со влага.

Димче Јошевски од Дирекцијата за заштита и спасување вели дека засега нема опасност од поплавување на битолските села, но ситуација се следи од час во час.

А.Б.