Свет Европа Могерини: Имаме многу причини да го славиме Денот на Европа

Могерини: Имаме многу причини да го славиме Денот на Европа

Високата претставничка за надворешна политика и за безбедност на ЕУ и потпретседателка на Европската комисија, Федерика Могерини, во видеопорака по повод Денот на Европа рече дека постојат многу причини овој ден и понатаму да се обележува, иако е свесна дека многумина денеска се прашуваат дали е така.

Таа наведе дека првпат во својата историја ЕУ се соочува со егзистенцијална закана, но дека не станува збор за тероризам и, секако, не за миграциите, бидејќи, како што кажа, ЕУ има средства да ја спречи радикализацијата и може да го совлада приливот на мигранти, да ги заштити животите и да изгради силни партнерства со земјите во регионот и пошироко.

– Егзистенцијалните закани доаѓаат од внатрешноста на нашите граници. Нашата Унија е во опасност кога градиме ѕидови место да ги уриваме и кога се однесуваме како „Европејци на одредено време“. Повикуваме помош кога ни е потребна, но не сме подготвени да помогнеме – истакна Могерини.

Според неа, доколку ги дискриминираме луѓето врз основа на бојата на кожата, јазикот што го говорат, начинот на кој се молат, „Унијата е во опасност“.

– На светот му е потребна силна Европа, повеќе отколку кога било претходно. Имаме одговорност кон сопствените граѓани, но и кон остатокот од светот – порача Могерини, додавајќи дека, како што се уверила, насекаде низ светот луѓето со воодушевување и со надеж гледаат во Европа.