Свет Балкан Могерини го поддржа британско-германскиот план за БИХ

Могерини го поддржа британско-германскиот план за БИХ

Високата претставничка на Европска Унија за надворешна политика, Фредерика Могерини, денеска го поддржа планот на Велика Британија и на Германија за отстранување на блокадата во евроинтеграциите на Босна и Херцеговина.

„Особено ја ценам идејата за напредокот на БИХ која синоќа во Берлин ја изнесоа министрите за надворешни работи на Велика Британија, Филип Хамонд, и на Германија, Франк Валтер Штајмајер“, порача Могерини во соопштението до медиумите.

Хамонд и Штајмајер синоќа побараа од босанските политички лидери со документ да се обврзат на институционални реформи на сите нивоа, да го усогласат планот за пошироки политички и економски реформи што ќе го приближат до пристапните критериуми на европскиот клуб. За возврат, Британија и Германија ќе настојуваат да ја добијат поддршката на европските земји за одобрување спогодба за стабилизација и асоцијација на БИХ, со што би ù се одобриле претпристапни средства за натамошни реформи.

„Планот доаѓа во вистински час и се однесува на реални проблеми“, напиша Могерини во соопштението и најави дека ќе го стави на дневен ред на состанокот на шефовите на европските дипломати, закажан за 17 ноември.