Македонија Могерини: Бараме спроведување на договорот од 2 јуни

Могерини: Бараме спроведување на договорот од 2 јуни

Денеска во Луксембург министрите за надворешни работи на Европската унија одржаа дебата за Македонија и за политичката криза. По состанокот, шефицата на европската дипломатија, Федерика Могерини, повтори дека треба да се почитува договорот од 2 јуни.

– Министрите ги поддржаа заклучоците што ќе бидат усвоени на утрешниот состанок, охрабрувајќи ги сите страни во Скопје да го имплементираат политичкиот договор што беше постигнат на 2 јуни, особено реформите, имплементација на реформите, предвремени избори и транзицијата што на сите луѓе во земјата ќе им ја врати довербата во институциите – рече Могерини.

Министрите утре ќе ги усвојат нацрт-заклучоците за Македонија, во кои се бара, меѓу другото, истрага за објавените прослушувани материјали, итни реформи во судството, изборното законодавство, како и за препораките од извештајот на Рајнхард Прибе.

Во нацрт-заклучоците се изразува поддршка за преговарачкиот процес на политичките лидери во земјата и за договорот од 2 јуни.

Според некои медиуми, на барање на Германија била отстранета референцата за „цврста посветеност на европската перспектива на поранешната југословенска Република Македонија“.