Економија ММФ ни обезбеди 176 милиони евра за шокот од пандемијата Ковид-19

ММФ ни обезбеди 176 милиони евра за шокот од пандемијата Ковид-19

„Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) обезбеди значајна поддршка преку Инструментот за брзо финансирање, во износ од околу 176 милиони евра, а и понатаму во рамки на можностите ќе дава поддршка за што посоодветно да се одговори на предизвиците и побрзо да дојде до опоравување на македонската економија. Економските фундаменти се здрави, а преземените мерки се соодветни и ќе придонесат економијата да се справи со шокот од пандемијата на ковид-19“, стои во заедничкото соопштение на Народната банка на Македонија и МИнистерството за финансии.

Тоа се дел од пораките од состанокот на гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска и министерката за финансии, Нина Ангеловска, со директорот за Одделот за Европа во ММФ, Пол Томсен, во рамки на Пролетните средби на ММФ и Светската банка, што годинава се одржуваат електронски.

Беше оценето дека состојбата со корона вирусот оваа годинава ќе резултира со пад на активноста на сите економии во глобални рамки, но падот на македонската економија и воопшто на економиите во развој ќе биде помал во споредба со она што се очекува кај развиените економии. Ако во глобални рамки корона-кризата стивне до средината на годинава, веќе следната година ќе има заздравување на македонската економија и забрзување на растот.