Свет Балкан ММФ ги подготвува балканските подружници на грчките банки за банкрот?

ММФ ги подготвува балканските подружници на грчките банки за банкрот?

Грчките медиуми, повикувајќи се на весникот „Вол стрит џурнал“, јавуваат дека ММФ ги подготвува државите од Југоисточна Европа каде има грчки банки за справување со евентуален грчки банкрот. Според информацијата, ММФ ги советува и разменува мислења со Бугарија, Македонија, Романија, Албанија и со Србија за тоа какви мерки да се преземат за да се избегнат можни последици во грчките банки во секоја од овие држави, во случај на ненадеен банкрот во Грција.

Весникот „Вол стрит џурнал“ ги заснова тврдењата на изјави на заменик-менаџерот за европската програма на ММФ, Јорг Декерсон, кој изјавил дека ММФ е во постојан дијалог со Бугарија, Македонија, Романија, Албанија и со Србија и разговара за плановите за превентирање проблеми доколку ситуацијата во Грција излезе од колосек.

Според весникот, ММФ веќе побарал од овие држави да се осигураат дека подружниците на грчките банки на нивното тло имаат на располагање доволно средства да може да направат размена и да добијат финансирање од Централната банка во случај да престане финансирањето од централите на грчките банки.