Македонија Мицкоски: Референдумот е неуспешен, граѓаните му кажаа „не“ на Договорот со Грција

Мицкоски: Референдумот е неуспешен, граѓаните му кажаа „не“ на Договорот со Грција

Македонија денеска кажа дека Договорот со Грција не поминува, рече на прес-конференција лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, по завршување на гласањето за референдумот.

„Имаме длабоко неуспешен референдум. Политиката на владата и Зоран Заев доживеа дебакл, а денес Македонија вистински победи. Бројот на граѓани кои не дадоа поддршка на овој срамен договор, односно бројот на граѓани кои апстинираа од гласање или пак гласаа против договорот, е драстично поголем од оние граѓани кои гласаа за договорот. Факт е дека договорот со Грција не доби зелено светло, доби стоп од народот“, рече Мицкоски.

Тој додаде дека власта „ќе одговара и за наполнетите кутии во Сарај, Струга, и на други места каде пробале да ја фалсификуваат волјата на народот“.

„Народот, освен на Договорот, кажа не и за манипулациите на власта со вистинските вредности на Европската Унија и НАТО и обидот погано власта да ја злоупотреби оваа заедничка цел, некоректно и непотребно вметнувајќи го во референдумското прашање. Тоа што не успеа овој референдум е директна вина на Зоран Заев и владата и никој друг. Прво затоа што склучи штетен и лош договор, второ ја лажеше меѓународната заедница преставувајќи лажна афера дека овој Договор ќе помине, а водејќи се од желбата да ја спаси својата кариера и ги прикрие криминалните афери, и трето затоа што на сила преку брутална манипулација и кршење на законите и Уставот проба овој договор да помине кај граѓаните“, додаде Мицкоски.