Македонија Министерство за земјоделство: Пари за чистење канали добија и фирми блиски до...

Министерство за земјоделство: Пари за чистење канали добија и фирми блиски до Заев

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги отфрла како клевети, манипулации и дезинформации обвинувањата што на прес-конференција денеска ги изнесе членот на извршниот одбор на СДСМ и дополнителен заменик-министер за земјоделство, Љупчо Николовски, околу испалата на пари на фирми за чистење на каналите за одводнување и за наводнување, пренесува „Нова ТВ“.

Од Министерството велат дека не делеле тендери на фирми блиски до власта, а доказ за тоа е што во три од последите пет години, за голема сума пари, каналите ги чистела „фирмата блиска до кланот“ на лидерот на СДСМ и градоначалник на Струмица, Зоран Заев, АДГ „Пелагонија Струмица“.

„Како што може да се види од официјалните податоци, АДГ „Пелагонија Струмица“ добила 5 тендери и на нејзината сметка, за исчистените канали, се исплатени безмалку 36 милиони денари (околу 585.000 евра). Тоа е 20 отсто од, според Љупчо Николовски и СДСМ, сомнително и незаконски исплатените околу 3 милиони евра“, се вели во реакцијата од Министреството за земјоделство.

Оттаму нагласуваат дека на тендер, со јавна електронска аукција, било одредено кои фирми ќе ги чистат каналите, а договори биле склучени со тие фирми што дале најповолни понуди, односно најниски цени.

„Секое водостопанско претпријатие определува надзор кој на терен ја следи и ја потврдува извршената работа. Сите извештаи за привремени ситуации покрај надзорот се потпишани од изведувачот на работите, директорот на водостопанското претпријатие и од директорот на Управата за водостопанство при МЗШВ“, велат од Министерството и додаваат дека министерот Михаил Цветков пред исплатата на средствата, дополнително формирал комисија за проверка на изведените работи, во која имало членови и од други државни институции.