Македонија Министерство за култура раскинало договори вредни 1,147 милиони евра, другите исплати се...

Министерство за култура раскинало договори вредни 1,147 милиони евра, другите исплати се блокирани

Министерката за култура Ирена Стефоска. Фото: Министерство за култура

Министерството за култура соопшти дека во периодот од 1 септември минатата година до крајот на минатиот месец, поради нереализирани проекти и неуредна финансиска документација, раскинало договори во вкупен износ од 70.776.722,00 денари, односно 1,147 милиони евра. Исто така, сѐ додека не завршат финансиските контроли, сите исплати кон другите корисници ќе бидат замрзнати.

По внатрешната ревизија што министерството ја извршило, наодите од него по службена должност ги испратило до Секторот за финансиска инспекција во јавниот сектор при Министерството за финансии, до Управата за финансиска полиција и до Антикорупциска комисија.

Во соопштението се наведува и дека според усвоените заклучоци од вчерашната седница на Владата, Министерството за култура нема да ги исплаќа средствата кон другите корисници до завршување на финансиските контроли.

„Сите информации ќе бидат познати по завршените контроли, за што подетално треба да се произнесат органите кои се повикани. Очекуваме Финансовата полиција и ДКСК во најбрз можен рок да постапат заради расчистување на евентуални злоупотреби“, порачаа од Министерството за култура.