Култура Министерство за култура: Имавме намален буџет, ни стасаа 1.200 пријави за публикации

Министерство за култура: Имавме намален буџет, ни стасаа 1.200 пријави за публикации

„Намалениот буџет, произлезен од светската економска криза, претставуваше предизвик за Државната комисија при утврдувањето на распределбата на средствата“, велат во министерството

По реакцијата на Фондацијата „Славко Јаневски“ во врска со одбиената жалба поднесена до Министерството за култура, дека добиле малку пари за „Роман на Годината“ за 2022 година, од министерството со објаснување – им пристигнале многу апликации во категоријата литература и издаваштво.

„Ни стасаа повеќе од 1.200 пријави за публикации како книги, програми, детски изданија, списанија и електронско издаваштво, но и повеќе од 70 апликации за различни настани, вклучувајќи литературни фестивали, награди, конкурси и работилници. Намалениот буџет, произлезен од светската економска криза, претставуваше предизвик за Државната комисија при утврдувањето на распределбата на средствата“, велат во министерството.

Тие се обиделе да ги исполнат очекувањата на јавноста за висококвалитетни културни настани во земјава врз основа на претходните искуства. Од министерството нагласија дека учествуваат во поддршката на проектите, а не во нивното целосно финансирање.