Македонија Министерскиот годишен собир на ОБСЕ од 29 ноември во Скопје

Министерскиот годишен собир на ОБСЕ од 29 ноември во Скопје

На тридневниот собир што ќе се одржи во спортскиот центар „Борис Трајковски“ ќе учествуваат 76 делегации од земји-членки и партнери на ОБСЕ, а се очекуваат околу 1.000 гости

Фото: МНР (јули 2023)

Министерскиот годишен собир на ОБСЕ од 29 ноември до 1 декември во Скопје ќе биде најголем настан во државата, и по димензии и по суштина, изјави денеска на брифинг со новинарите министерот за надворешни работи и претседавач со ОБСЕ, Бујар Османи.

На тридневниот собир што ќе се одржи во спортскиот центар „Борис Трајковски“, каде привршуваат подготовките за преадаптација на просторот, ќе учествуваат 76 делегации од земји-членки и партнери на ОБСЕ, а се очекуваат околу 1.000 гости.

„Суштински е најголем настан зашто ОБСЕ првпат е во егзистенцијална криза како организација која од 1975 е основана со мисија да ги чува мирот и безбедноста и да менаџира конфликти“, рече Османи, додавајќи оти кризата била поради историски ниското ниво на доверба на земјите-членки по руската агресија врз Украина.

Тој рече дека за првпат организацијата нема претседавач за 2024 година, иако претседавачите се одредуваат две години однапред. Османи рече дека работат на неколку сценарија, а првото е претседавач да биде Естонија како единствен кандидат. Бидејќи Естонија не била поддржана од една земја, тој разговарал со речиси сите министри за надворешни работи барајќи алтернативно решение.

Според Османи, се очекува одлуката за земја-претседавач со организацијата следната година да биде донесена токму во Скопје.

Во логистиката за министерскиот собир ќе бидат ангажирани над 200 луѓе, информираше министерот за надворешни работи, додавајќи оти ќе биде обезбеден и чартер-лет од Брисел за Скопје, додека некои делегации ќе дојдат со свои авиони.

Во однос на учеството на Русија на министерскиот состанок на ОБСЕ, Османи рече дека пред неколку дена добил писмо од рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во кое покажал интерес и барање да се обезбеди негово присуство во Македонија, но оти постојат „одредени предизвици“ по ова прашање затоа што македонскиот воздушен простор е затворен за државни руски авиони.

„Има одредени предизвици во делот на тоа прашање, прво заради тоа што воздушниот простор на Северна Македонија, како и на соседните земји, е затворен за државни руски авиони и тука ќе треба да се направат логистички напори за да се обезбеди. Инаку, по правило, сите земји учеснички треба да присуствуваат на министерскиот состанок на ОБСЕ, но дали конкретни личности ќе има сепак ќе зависи од одредени одлуки што ќе треба да се донесат во текот на наредните денови. Се надевам дека ќе успееме сите да бидеме во Скопје“, рече Османи, додавајќи дека Руската Федерација ќе учествува како држава со свои претставници.

Во јуни минатата година, Лавров ја откажа посетата на Белград откако земјите околу Србија го затворија својот воздушен простор за неговиот авион.