Македонија Министерот Рот дебатираше со студентите: Сработете си ја домашната задача

Министерот Рот дебатираше со студентите: Сработете си ја домашната задача

Политичката криза мора веднаш да се реши, а времето е лимитарно за да се спроведат реформите и целосно да се имплементира Договорот од Пржино, рече Михаел Рот, државен министер во германското МНР, на дебатата со студентите на Правниот факултет.

– Имплементацијата на Договорот од Пржино е далеку од тоа што треба да биде, сите рокови се пробиени, се опструира работата на Специјалното јавно обвинителство, не се спроведени реформите во медиумите и не е почнато со прочистувањето на избирачкиот список. Фер и слободни избори се само првиот чекор, а тешкото следува потоа. Останува на политичките авторитети целосно да го спроведат Договорот од Пржино. Сработете си ја домашната задача! Влaдата не ги исполни реформите, а нивната одговорност е поголема и треба да биде конструктивна, а не да тактизира. Бојкотот на Собранието не е корисен и сите треба да се вратат на преговарачката маса каде што ги чека Договорот од Пржино – рече Рот.

Тој додаде дека клучот за решавање на кризата лежи во Скопје, а не во Брисел. Рот ја потврди поддршката на Европската унија и на Германија, но истакна дека владата и опозицијата се тие што треба да придонесат за стабилизација на ситуацијата. Тој ги охрабри младите и граѓанското општество поактивно да се вклучат, силно да го кренат гласот и да бидат поактивни. Рот рече дека проблемот за името не е најголем проблем на државата во моментов и дека забележал напредок во комуникацијата меѓу Грција и Македонија. Тој смета дека е можно да се најде заедничко прифатливо решение за двете земји. Рот ја пофали Македонија за покажаната волја за справување со бегалската криза.

– Треба соработка помеѓу сите земји-членки во справувањето со бегалците. Македонија ѝ треба на ЕУ и ЕУ ѝ треба на Македонија, особено овој период. Потребна е стабилизација на земјите во транзит, како Македонија и Србија, за да можеме заеднички да се избориме со предизвикот – рече Рот.