Македонија МИМ го објави конкурсот за новинарските награди „Никола Младенов 2022“

МИМ го објави конкурсот за новинарските награди „Никола Младенов 2022“

Фото: МИМ

Македонскиот институт за медиуми го објави конкурсот за новинарските награди „Никола Младенов 2022“ во кој ќе бидат доделени три годишни награди во категориите најдобра истражувачка сторија, најиновативен новинарски производ и најдобра репортерска фотографија.

На конкурсот може да се пријават сите новинари и фоторепортери кои професионално работат во медиумите или соработуваат како фриленсери. Како што информираат од МИМ, пријавените материјали треба да бидат објавени во текот на 2022 година во весник, на радио, на телевизија, на информативни интернет-портали или од новински агенции што се регистрирани и работат во нашата земја.

Еден автор или група автори може да аплицираат со најмногу три различни теми во првите две категории, а секоја тема може да вклучува повеќе поврзани текстови/прилози. Секој фоторепортер може да учествува со најмногу три фотографии, кои биле објавени во весник, на интернет-портал или новинска агенција.

Конкурсот е отворен до 1 Март 2023 година, а на добитниците на наградите ќе им биде врачен сертификат и парична награда од 40.000 денари, поединечно. Пријавите треба да се поднесуваат на novinarskinagradi@mim.org.mk со назнака: Пријава за новинарските награди „Никола Младенов 2022“, а за критериумите на конкурсот може да се прочита на веб страницата на МИМ.