Македонија Милошоски: Владата треба да се повлече од потпишаниот Договор со Бугарија

Милошоски: Владата треба да се повлече од потпишаниот Договор со Бугарија

Владата, додека има време, треба да се повлече од потпишаниот Договор помеѓу Македонија и Бугарија, бидејќи истиот има суштински недостатоци. И на среден и на долг рок ќе отвора повеќе спорни прашања отколку што ќе затвора прашања.

Ова денеска на прес-конференција го кажа членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски.

– Заедничката меѓувладина комисија ќе одржува редовни средби еднаш годишно за преглед на ефективната примена на овој договор. Што значи тоа? Преку оваа меѓувладина комисија за надзор и спроведување на билатералниот договор, ќе добијат легално право да ја попречуваат Македонија во своите аспирации. Тоа попречување може да биде постапка за блокирање на отворање на одредено поглавје или постапка за блокирање за затворање на одредено поглавје за преговори со Европската Унија – изјави Милошоски.

Тој смета дека Договорот нема да ја гради довербата помеѓу македонскиот и бугарскиот народ туку, напротив, ќе отвора дополнителни стереотипи.