Македонија Милошоски: На локалните избори очекуваме најмногу гласови, советници и градоначалници

Милошоски: На локалните избори очекуваме најмногу гласови, советници и градоначалници

Пратеникот Антонио Милошоски денеска на прес-конференција во партиското седиште соопшти дека ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за подобра Македонија се целосно подготвени за настап на локалните избори.

Милошоски истакна дека очекуваат со нивната програма и кадровска понуда да освојат најголем број гласови на локалните избори, најголем број советници во споредба со другите политички партии и најголем број градоначалници споредбено со другите политички коалиции.

– Локалните избори на 15 октомври нема да бидат обични локални избори. Многу прашања не добија одговор од актуелната власт на Заев, Ахмети и на Села. Прашањето за двојазична Македонија не беше ветено пред изборите, а денес е товар на незадоволството и достоинството на македонските граѓани. За тоа прашање граѓаните ќе можат да го дадат своето мислење на 15 октомври – вели Милошоски.

Тој додаде дека граѓаните на 15 октомври треба да го дадат своето мислење и за, како што рече, македонско-бугарскиот договор, неспособноста да се излезе во пресрет на потребата за гаснење пожари и депонии и недавањето одговори на прашањето зошто е направена стратегија Македонија да стане земја на бегалци и на мигранти за кои ќе се плаќа од буџетот.