Македонија Mилошоски: Апелација потклекна на притисоците да се скрие криминалот на Заев

Mилошоски: Апелација потклекна на притисоците да се скрие криминалот на Заев

Апелацискиот суд не го издржа притисокот на СДС и не си ја исполни законската обврска судиите да одлучуваат само и само врз основа на Устав и на закон и никако поинаку, порача Антонио Милошоски, член на извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ на партиската прес-конференција во врска со одлуката на Апелацискиот суд Скопје да ја уважи жалбата на Специјалното јавно обвинителство на решението на Основниот суд Скопје 1 за предметот поврзан со насилствата во Општина Центар во јуни 2013 година. Судот донесе одлука дека доказите прибавени од прислушуваните материјали можат да се употребат како доказ во кривичната постапка.

– Зошто се случува ова потклекнување на Апелацискиот суд и зошто е објавена одлуката без да се објават и содржината и имињата на судиите? Заради две цели. Првата цел – затоа што и самите судии што ставиле потпис на ваква одлука многу добро го знаат членот 12, став 2 од Законот за кривична постапка, дека нелегално стекнати материјали ниту можеле ниту можат да служат како докази во која било постапка. Кои се целите на СДС, на СЈО и на нивните блиски поддржувачи. Првата цел е да се покрие криминалот сторен од господинот Заев кој е документиран на легален начин со ПИ-мерки, каде што тој бара поткуп од 200.000 евра. Сакале да се стави знак равенство помеѓу него и сторениот криминал од негова страна и секој друг што тој го смета за политички опонент. Втората цел на ваквите активности на СДС, на СЈО и нивните блиски поддржувачи е да се крене една димна завеса во овој период кога владата е неспособна да изгаси две депонии и десет пожари – рече Милошоски.