Македонија Милевски: Иванов е најдобар кога молчи

Милевски: Иванов е најдобар кога молчи

Либерално-демократската партија синоќа во објектот на Македонската опера и балет ја одржа својата програмска конвенција под мотото „Има избор. Овде и сега“ на која ја презентираше својата изборна програма.

Претседателот на ЛДП, Горан Милевски, зборуваше за актуелните политички случувања и проблемите со кои се соочуваат граѓаните.

-Додека Груевски и ДПМНЕ градат споменици, младите секојдневно се иселуваат од Македонија. Даваат привилегии за странските инвеститори, а од друга страна, ги малтретираат и рекетираат домашните фирми. Трошат пари за барок споменици и скулптури, а земаат кредити за плати и пензии. Еве, Иванов за германските медиуми изјави дека Европската унија не лажела и манипулирала 25 години. Иванов е најдобар кога молчи затоа што кога прозбори, не скара со цела Европа. Му порачуваме да продолжи да си молчи, затоа што импичмент за вакво однесување не му бега – рече Милевски.

На конвенцијата се обратија и генералниот секретар на Либералната интернационала, Емил Кирјас, Никица Корубин, професор Никола Пановски, Драган Малиновски и професор Зоран Шапуриќ, кои презентираа делови од програмата, секој од својата област.

Пред присутните се обратија и Даниел Кадик, директор на германската фондација Фридрих Науман за југоисточна Европа и Ханс ван Баален, европратеник и претседател на АЛДЕ – Европската алијанса на либерали и демократи.