Македонија Мицкоски очекува новата влада да почне со работа до понеделник

Мицкоски очекува новата влада да почне со работа до понеделник

Според предлозите за членови на владата, Мицкоски ќе има пет заменици – вицепремиери - тројца од коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ, а двајца од коалицијата „Вреди“ која ќе биде коалициски партнер во новата влада

фото: ВМРО-ДПМНЕ

Предлог програмата за работа и составот на идната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ е доставена до Собранието, информираше попладнево мандатарот и претседател на партијата, Христијан Мицкоски.

Тој очекува истата да биде ставена на дневен ред пред пратениците за време на викендот.

„Граѓаните очекуваат брзи резултати. Јасно е дека оваа Влада како и очекувањата на граѓаните се да испорачува она кое што го ветуваше. Не ветувавме многу за време на кампањата, ветувавме дека Македонија ќе биде повторно на граѓаните, односно државата којашто изминативе седум години беше заробена од страна на една мала група властодршци коишто доаѓаа од досега владејачките партии, конечно е слободна и ќе биде вратена назад на граѓаните“, изјави Мицкоски.

Според предлозите за членови на владата, Мицкоски ќе има пет заменици – вицепремиери – тројца од коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ, а двајца од коалицијата „Вреди“ која ќе биде коалициски партнер во новата влада.

Александар Николовски ќе биде министер за транспорт и вицепремиер. Љупчо Димовски е предложен за вицепремиер и задолжен за политичкиот систем, Иван Стоиљовиќ – вицепремиер и министер за односи со заедниците, Изет Меџити – министер за животна средина и просторно планирање и вицепремиер и Арбен Фетаи – министер без ресор и заменик-претседател на владата задолжен за добро владеење.

За предложените членови на владата, Мицкоски рече дека станува збор за група на луѓе којашто е „исклучително мотивирана веднаш да постигне резултати“.

„Очекувам бескомпромисна борба со криминалот и корупцијата од секаков вид, не само политички, за политичкиот нејќам ни да зборувам. Нема да има толерирање, без разлика од која политичка партија доаѓа каква било злоупотреба и овластување на кео било именувано лице, доколку истото биде дел од било какви криминални или коруптивни скандали за коишто постојат докази, се разбира“, изјави Мицкоски на прес-конференција во Собранието.