Македонија Метео-aларм: Владата со сет препораки за очекуваните високи температури во земјава

Метео-aларм: Владата со сет препораки за очекуваните високи температури во земјава

Од утре, согласно Акцискиот план на Министерството за здравство за превенирање на последиците од топлотните бранови врз здравјето на населението почнуваат да важат сет од препораки

Image by Bruno /Germany from Pixabay

На денешната седница Владата усвои сет препораки за очекуваните високи температури кои се очекува да ја зафатат земјата во следните денови.

Од утре, согласно Акцискиот план на Министерството за здравство за превенирање на последиците од топлотните бранови врз здравјето на населението почнуваат да важат следните препораки:

  • Ослободување од работни обврски на најранливите групи население (бремените жени и лица на возраст над 60 години);
  • Во градинките да не се практикува физичка активност и да не се изнесуваат децата на отворено во периодот од 11 до 17 часот;
  • Единиците на локалната самоуправа, Црвениот крст и Центрите за социјални работи, во регионите зафатени со топлотниот бран да пружаат помош на осамени, стари, изнемоштени лица и бездомници,
  • Со оглед на фактот дека одредени ризични производни и технолошки процеси може да претставуваат дополнителен ризик по здравјето на изложените работници, се потсетуваат работодавците на  обврската за почитување на законските прописи од оваа област.

Сите региони во државата, Скопскиот, Осоговско-Малешевскиот, Пелагонискиот и Охридско-Преспанскиот ќе влезат во портокалова фаза.

Од Управата за хидрометеролошки работи известуваат дека Македонија во изминатиот период подлежи на досега најголемиот топлотен бран, кој се очекува да продолжи со стабилно и многу топло време со дневни температури во поголемиот дел на земјава, со температури над 35 степени, додека во утринските температури во Скопје и во јужните делови температурите нема да паднат под 20 степени.

Во текот на утрешниот ден се очекуваат особено високи температури низ територијата на целата држава, а во некои области во јужните делови од земјата температурата ќе надмине 40 степени, и ќе биде активно портокаловото ниво за опасност од високи температури.