Македонија МЕСО: СОНК направи грешка со прекинување на штрајкот

МЕСО: СОНК направи грешка со прекинување на штрајкот

Мултиетничкиот синдикат на образование (МЕСО) смета дека раководството на Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) направило грешка прекинувајќи го штрајкот и оневозможувајќи да се решат многу прашања во сферата на образованието.

ОД МЕСО ги оценуваат како недоволни и половични резултатите од преговорите помеѓу Министерството за образование и наука и СОНК во врска со наградувањето и казнувањето на наставниците врз основа на резултатите од екстерното тестирање.

„Сакаме да ја информираме јавноста дека во делот на наградувањето на наставниците, постигнатиот договор е полош од она што претходно беше законска обврска на Министерството. Односно, дека со наводниот успех, им се намалуваат, а не им се зголемуваат правата на наставниците. Според информацијата што ја објави Министерството за образование и наука, најдобро рангираните наставници во наредните девет месеци ќе добиваат по 10 отсто повисока плата. Сакаме да потсетиме дека законските одредби што беа на сила пред септември 2014 година, кога СОНК најави штрајк, предвидуваа на 20 отсто од наставниците кај кои има најмали отстапувања да им се зголеми платата за наредната година за 15 отсто од платата што ја примале (член 97 од Законот за основно образование и член 70-a од Законот за средно образование). Тоа значи дека наместо зголемување на платата во текот на 12 месеци, сега е договорено зголемување за само девет месеци и наместо зголемувањето да биде 15 отсто, договорено е да биде 10 отсто“, соопштуваат од Мултиетничкиот синдикат на образование.