Свет Европа Меркел: Сè уште сме далеку од потребното решение

Меркел: Сè уште сме далеку од потребното решение

Германската канцеларка Ангела Меркел изјави дека договорот за прераспределба на 120.000 бегалци меѓу членките на ЕУ е далеку од тоа што е потребно за да се реши најголемата мигрантска криза по Втората светска војна.

– Длабоко сум уверен дека тоа што на Европа ѝ е потребно, не е селективна прераспределба од овој вид, туку многу потраен процес за рамноправна релокација меѓу членките – рече Меркел.

Таа истакна дека е преземен првиот чекор, но дека европскиот блок е далеку од позицијата на која треба да биде.

Коментарите на Меркел се објавени само два дена откако министрите за внатрешни работи на ЕУ постигнаа договор за прераспределба на 120.000 бегалци, што наиде на силен отпор кај Унгарија, Чешка, Романија и кај Словачка.