Главна секција Меѓународна потерница за Груевски откако судот ќе потврди дека е во Будимпешта

Меѓународна потерница за Груевски откако судот ќе потврди дека е во Будимпешта

Од Кривичниот суд чекаат да се потврди информацијата дека осудениот пратеник Никола Груевски е во Будимпешта, па потоа ќе издадат наредба за распишување на меѓународна потерница.

„Во однос на евентуално распишување меѓународна потерница, во оној момент кога надлежните органи ќе утврдат дека обвинетиот не се наоѓа во земјата, или ја потврдат автентичноста на информацијата дека истиот се наоѓа во Будимпешта, и за тоа го извести судијата за извршување санкции, судијата веднаш ќе издаде наредба за распишување на меѓународна потерница“, велат од судот.

Од таму велат дека на Груевски му се одземени и личниот и дипломатскиот пасош кои сè уште се наоѓаат во судот, а сите определени мерки против него биле потврдени и од Апелациониот суд.

Претседателот на Кривичниот суд Иван Џолев денеска изјави дека не може судот самоиницијативно да определува мерка притвор, туку дека тоа секогаш е по барање на Обвинителството.

– Во случајот „Тенк“ од самиот почеток на подигање на обвинението до соопштување на одлуката од страна на Обвинителството во ниеден момент не е побарана мерка притвор за обвинетиот Никола Груевски – рече Џолев.

Тој посочи дека двата пасоши на Никола Груевски – и дипломатскиот и неговиот личен пасош – се одземени и определена е мерката јавување во предметот „Титаник“, додека во предметот „Тенк“ нема никаков предлог ниту за обезбедување на некаков имот, ниту предлог за мерка за обезбедување на присуство.

Доколку биде официјално потврдено дека поранешниот премиер Никола Груевски избегал во Унгарија, Министерството за правда ќе достави барање за екстрадиција откако ќе добие известување од МВР каде е лоциран и дека за него има распишана меѓународна потерница.

Груевски е правосилно осуден на двегодишна затворска казна во случајот „Тенк“ за незаконска набавка на луксузен „мерцедес“ кој против него го водеше Специјалното јавно обвинителство.