Македонија Медиумските закони денеска на собраниска комисија

Медиумските закони денеска на собраниска комисија

Во Комисијата за транспорт, врски и екологија во Собранието денеска ќе се расправа за предлог – закон за изменување и дополнување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и за предлог – закон за изменување и дополнување на Законот за основање на Јавно претпријатие Македонска радиодифузија, и двата во второ читање. Со законите се овозможува, според Владата, која ги предлага законите, професионализација и независност на Советите на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ) и на јавниот радиодифузер Македонска радио телевизија (МРТ).

Освен тоа, во Собранието, членовите на Комисијата за надворешна политика ќе расправаат по предлог-законите за ратификација на Спогодбата меѓу Република Македонија и Република Бугарија за соработка во случај на катастрофи и за ратификација на изменувањата на протоколот 2 кон договорот за слободна трговија меѓу Република Македонија и Република Турција.

Овие точки се на дневен ред и на Законодавно-правната комисија.

На седницата на собраниската Комисија за еднакви можности на жените и мажите ќе се одржи јавна расправа на тема „Извештај за напредокот на Република Македонија од страна на Европската комисија за 2018 година, со посебен осврт на делот за родова рамноправност“.