Македонија Медарски: Кежаровски е однесен во затвор без да се запази процедурата

Медарски: Кежаровски е однесен во затвор без да се запази процедурата

Новинарските здуженија се шокирани и скандализирани од брзината со која новинарот Томислав Кежаровски е префрлен во затвор, само еден ден по пресудата од Апелацискиот суд во Скопје.

Според претседателката на Синдикатот на новинари, Тамара Чаусидис, за настаните од вечерва се информирани и сите меѓународни организации, како и претставникот на ОБСЕ за медиуми. Таа рече дека останува повикот за протест во вторник, а за сите други активности ќе се договара во текот на утрешниот ден.

Филип Медарски, адвокатот на Кежаровски, е зачуден од брзината со која на издржување на казната е префлен неговиот клиент.

– Пресудата не беше доставена ниту до мене, ниту до Кежаровски. За да се исполнат условите за тој да биде однесен на издржување на затворската казна, треба да се испочитуваат некои процедури. Тие процедури најмалку траат две до три недели. Од ова сите сме затечени, но во македонските судови не очекувам правдата да ја види светлината на денот. Сепак, Судот за човекови права  во Стразбур сигурно ќе потврди дека на Кежаровски му се нарушени човековите права – изјави Медарски за „Мета“.

Реагираше и Здружението на новинарите на Македонија, кое е шокирано од спроведувањето во затвор по итна постапка на колегата Кежаровски по одлуката на Апелацискиот суд во случајот „Ликвидација“.

„Итно го повикуваме министерот за правда, Аднан Јашари, да покрене иницијатива за ослободување на новинарот Кежаровски, а претседателот Ѓорге Иванов веднаш да ја прифати“, стои во реакцијата на ЗНМ.